Инстаграм вчера го замени препознатливиот изглед на иконата која потсетува на стар фотоапарат и го претстави новото лого направено во минималистички стил, а воведе и неколку промени во дизајнот на самата апликација и во делот на рекламирање. Инспирирани од старото лого, дизајнерите новото лого го претставија како поедноставен фотоапарат, односно заоблен квадрат во чиј центар се наоѓа само круг и една точка во десниот горен агол, овој пат обоено во еден спектар од боите на виножитото. За неполни 24 часа корисниците на Интернетот и на апликацијата реагираа со негодување и бараа враќање на стариот изглед на Инстаграм иконата.
Основачот на апликацијата смета дека старото лого повеќе не ја претставува Инстаграм заедницата онаква каква што е во моментов, дека логото е застарено и не комуницира со инстаграмџиите, па затоа одлучиле да го воведат нововото „соголено“ лого. Според луѓето зад Инстаграм, „поедноставниот изглед на логото треба да остави повеќе акцент на вашите фотографии, без промени во начинот на кој ја користите апликацијата“.
Во однос на рекламирањето, наместо 15 секунди рекламите сега ќе траат цела минута, но ќе бидат подобро прилагодени на вкусот на секој корисник и неговите интереси, општествениот статус и географската дестинација.
Инстаграм еволуираше во текот на последните 5 години од место на кое се разменуваат филтрирани фотографии во нешто многу поголемо – глобална заедница на интереси во која дневно се споделуваат повеќе од 80 милиони фотографии и видеа.
Нема коментари