Размислувањата за хедонизмост и тривијалноста, површноста и хипокризијата, наспрема вистинската убавина на живеењето и потрагата по таа голема убавина и најапсурдните места се дискусијата што ја заинтригира дизајнерката Јована Филиповиќ во креирањето на својата нова модна приказна. Животот е полн со убавина, и во целата апсурдност и тривијалност треба да ја откриете и живеете. Таа колекцијата ја именува „Големата убавина“ и евидентно се повикува на „Големата убавина“ (La grande bellezza), со Оскар наградениот филм на Паоло Сорентино, а преку дизајните за есен-зима 2016/17 таа одговара на потрагата по големата убавина и ја детектира на вистинската страна на модата. Со новата колекција дизајнерката вчера го отвори 14. издание на Моден викенд-Скопје (FWSK), кое оваа сезона се одржува во Скопје Мериот Хотел.
Колекцијата на Јована Филиповиќ ги има сите нејзини авторски кодови – минимализам и прочистени форми, женственост и притаена сексапилност, монохроматика овојат раскршена со жар црвена и впечатливиот мотив на шарен графички принт. Покрај главната шара која привлече големо внимание, во поголем дел од колекцијата се забележуваат необични текстури на ткаенините. Дизајнерката стана препознатлива и по добро скроените сакоа и палта инспирирани од машката мода, кои што ги има и во оваа колекција и се носат на голо, прекршени со тенок ремен или во облик на долг елек, форми што допринесуваат за истакнување на женственоста. Филиповиќ прикажува и вечерни модели и припиени фустани, но и неколку варијанти со светкаво плетиво кое може да се носи како ролка или фустан со ролка. Момент кој се појавува низ колекцијата е големиот изрез на кошулите кои го откриваат деколтето и торзото без истакната вулгарност, потоа како шлицови, како и во задниот горен дел од модните парчиња, на џемперите, сакоата и долгата бомбер јакна. Дизајнерката на сопствен начин рефереира на трендовите и суптилно допира до стиловите од 70-тите и 80-тите години, прикажувајќи современа визија за жена што цени женственост и убав дизајн и донесувајќи нова димензија на женски сексапил. (Фото: Stylist.mk)
Нема коментари