Ако во модата подолго време владее правилото „сè поминува“, ако стана вообичаено да гледаме комбинации на стилови и шари, на парчиња за лежерни и свечени пригоди, на зимски и летни облеки во еден микс, тогаш на листата ќе го додадеме и спојот на дебели плетени џемпери и тенки, лелеави летни здолништа како уште еден тренд кој се забележува кај трендсетерките. Има некоја неодолива привлечност во оваа комбинација, како опасна и скоро забранета игра на летни и зимски облеки. Среќаваме спарување на дебели, топли, плетени, со ролка, често предимензионирани џемпери со тенки, сатенски, плисирани и понекогаш асиметрично скроени здолништа. Здолништата може да бидат миди или макси, а понекогаш се работи за фустан ооблечен од џемперот.
Дебелиот плетен џемпер може да се најде и во посвечени пригоди, на пример со здолниште од светкави пулејки или металик плисиран модел, стил што не можеше претходно да се замисли и спои. А модниот спој на зимски џемпер и летно здолниште понатаму се адаптира на секаков стил и пригода, се среќава во минималистички манир, со трендовски моторџиски чизми или со салонки/ чорапи комбинација, со елегантни чевли или спортски патики, со дебели ролки или екстра долги модели на џемпери, со модернистички ѓердани и дизајнерски чанти.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари