Основачката на брендот и интернет продавницата Bastet Noir, Даниела Милошеска, е една од оние деловни девојки со малку поневообичаена професија за нашиве простори. Со дипломата за претприемништво и магистерската за моден и луксузен менаџмент ја започнува успешната приказна за првата онлајн-продавницата што ги поддржува балканските дизајнери кои што практикуваат еколошки начин на производство. Таа развива моден бренд, поттикнува еколошка мода, се ангажира околу македонските дизајнери кои продаваат на адресата bastetnoir.com и сето тоа најмногу се случува во интернет просторот. Оттаму, компјутерот е нејзината подвижна канцеларија. Нема работно време од 9 до 5 часот што обично важи за канцелариската работа, туку се вложува секојпат кога има потреба, понекогаш од утро до мрак. И нејзиниот деловен моден стил е надвор од рамките на строг класичен деловен изглед и најчесто е зависи од природата на состанокот и од соговорникот. Со Даниела зборувавме за нејзиниот бизнис, како изгледа еден нејзин работен ден, за соработниците и дизајнерите со кои работи, а на почетокот зборувавме од каде интересот за мода кој подоцна го претворила во бизнис.
-Од секогаш сум сакала облека и луѓе кои знаат да искомбинираат едно исто парче на различни начин. Помислата на тоа дека сè што е потребно да изгледаш поинаку е само малку имагинација, а не прекумерен шопинг е нешто што секогаш ме фасцинирало, пред сè затоа што долго време бев убедена токму во спротивното. Бизнис делот беше последица на спојот меѓу практичното и убавото.
>>Какво образование стекна и колку го аплицираш во работата?
-Завршив претприемништво и магистерски за моден и луксузен менаџмент. Моето образование е главен виновник за тоа што го работам денес. Меѓутоа, има многу работи кои не те учат на факултет, без разлика колку и да е престижен. Образованието е подлога која ја добиваш, а најважното нешто се самите контакти кои ги остваруваш за време на твоето студирање. Имав среќа да запознаам многу луѓе во текот на моето студирање кои константно ми помагаат во мојата работа денес. Некои од најважните работи за остварување на успешен бизнис можат да се научат само преку истражување и работа. Една од најважните нешта кои те учат на факултет е тоа дека за да успее еден бизнис потребна е константна промена и добар тим. Никој никогаш не успеал сам.
>>Раскажи ни ја приказната за Bastet Noir, зошто се одлучи токму на еколошка мода и на онлајн шопинг…
-Додека студирав моден и луксузен менаџмент, за првпат се запознав со терминот еко-мода и оддржливост на истата. На почетокот бев голем скептик околу начинот на кој се пропагира еко модата. Бев голем поборник против тоа луксузните брендови да не користат крзно и кожа, затоа што верував дека нивната филозофија е заснована токму на нивната понуда на егзотични кожи и на ретки крзна. Меѓутоа како што навлегував во самата суштина на работата, така сè повеќе сфаќав дека тоа што големите модни куќи го прават е експлоатација не само на животните, луѓето, туку и на самата животна средина. Профитот кој го задржуваат за себе доаѓа со висока цена. Затоа почнав да работам во Лондон за непрофитната организација Ethical Fashion Forum, па така сфатив дека многу бизниси се обидуваат да се навратат на она што со текот на годините го изгубиле, вистински допир на индивидуалност и грижа кон своите клиенти и вработени. Сакав едноставно да создадам нешто и да допринесам за развојот на оваа индустрија. Затоа главната цел на Bastet Noir е токму еко-модата. А на прашањето зошто онлајн, единствено затоа што нашиот концепт и таргет маркет е странскиот пазар.
>>Како изгледа еден твој работен ден?
-Почнувам со работа од 9 часот со кафе нормално, читање на мејлови и одговарање на истите. Во зависност од тоа на што работиме во текот на денот така и се одвива. Јас сум задолжена за креативниот процес и главно маркетингот. Имаме соработничка која работи посебно само на промоција и реализација на кампањи и девојка која работи ПР за Македонија. Еднаш неделно имаме состанок на кој разговараме околу тоа што сме постигнале и кои се целите за таа недела. Доброто е тоа што ниту еден ден не е сличен на претходниот, а лошото е тоа што понекогаш завршуваме со работа во 8 или 9 навечер. Имам среќа што тимот со кој работам е професионален и доста исполнителен, сите сме главно млади и ентузијасти што е доста важно за успехот на една компанија.
>>Опиши го твојот моден стил?
-Искрено немам некој посебен стил на облекување. Ретко кога следам трендови и го купувам само она што ми се допаѓа. Сакам удобна облека, природни материјали и патики. Обожавам патики. Заљубена сум во бохо-стилот, па доста често носам долги здолништа и фустани, а зимава омилени ми се плетените широки џемпери во комбинација со кратки здолништа со висок струк. Сакам необичен накит, а фаворит ми се големите прстени.
>>Според тебе како треба да изгледа една модерна деловна жена?
-Затоа што во мојата работа е дозволен било каков стил, немам посебен модел за тоа како треба да изгледа една модерна деловна жена. Единствено што мене ми пречи е строг класичен изглед. Иако тие жени изгледаат доста привлечно и атрактивно, сепак мислам дека нема некоја посебна креативност во тој стил. Се разбира дека некогаш околностите не дозволуваат поинаков начин на облекување. Мојот деловен стил во голем дел зависи од состанокот и мојот соговорник.
>>Од што се состои твојот деловен стил?
-Како што реков немам конкретен деловен стил. Кај нас сè е дозволено, како за мене така и за вработените. Креативноста е секогаш добредојдена, а експериментирањето е задолжително.
>>Брендови и дизајнери што заслужуваат твоја почит?
-Од странските дизајнери особена почит имам кон Карл Лагерфелд, Роксанда Илинчиќ, Улијана Сергеенко, Никола Вудс, Хенриета Ладгејт, Николај Божилов. Од македонските, нормално тие што ги нудиме на bastetnoir.com, девојката позади брендот Design & berries, Тони Матичевски и Ристо Бимбилоски. Од брендовите ги сакам Alexander McQueen, Valentino и Chanel, како и Free People и Babushka Boutique.
>>Со колку дизајнери во моментов соработуваш?
-Во моментов соработуваме со 6 дизајнери, а од крајот на јануари, почеток на фебруари, планираме да вклучиме уште најмалку двајца.
>>Најзначајните моменти од работата на Bastet Noir?
-Еден од најзначајните моменти е вклучувањето на нашата кампања што ја лансиравме на Indiegogo во важни медиуми како Yahoo Finance News, Bloomberg News и New York Business Journal. Исто така горди сме на тоа што сме членови на најголемата мрежа за еко-мода Ethical Fashion Forum. Пред извесно време нашата приказна беше дел и од ноемвриското издание на Fault Magazine. А најгорди сме на тоа што веќе имаме интернационални клиенти кои купуваат на нашиот сајт.
>>Како изгледа твоето работно катче?
-Компјутерот е мојата мобилна канцаларија.
>>Следен чекор е…
-Редизајн на самата веб страна, лансирање на транспарентност на самите продукти, се разбира доколу ни успее кампањата на Indiegogo, и секако нови дизајнери. Планираме следната година да лансираме и производи кои ќе бидат под наш сопствен бренд.
Нема коментари