Повеќето холивудски ѕвезди се здружија во поддршката на иницијативата за носење црн фустан на вчерашното доделување на филмските нaгрaди „Златен глобус“, како протест против сексуалното вознемирување во Холивуд и аферите кои изминативе месеци се обзнанија. Бевме подготвени дека „Златниот глобус“ годинава ќе има поинаков тон, па покрај силната симболика, идејата сите да носат црна боја се покажа добра и од моден аспект, и скоро секоја актерка успеа да се појави во успешен стајлинг. Црната боја донесе посебна елеганција, посмирен тон на гламур и изглед кој е посуштински и посодржаен од досегашната модна рамка карактеристична за црвениот килим на доделувањето на големите награди.
Колективно, ѕвездите покажаа поддршка, но и револт кон сексуалните насилници во Холивуд, носејќи беџ на кој пишува Time’s Up (Време е), уште едно движење покренато против овој проблем од страна на магазинот Time. Некои актерки како Ема Вотсон, Мерил Стрип и Мишел Вилијамс на црвениот килим се појавија во друштво на активистки, а за време на настанот презентерите и добитниците на наградите изразија силни пораки. Опра Винфри, добитничката на наградата за доживотно достигнување Сесил Б. Демил, покрај тоа што се заблагодари, зборуваше за настаните и движењата што се иницираа откако во октомври минатата година се открија сексуалните напади на познатиот продуцент Харви Вајнстин. „Носењето црно како солидарност е еден чекор. Мислам дека она што Time’s Up го прави со правен фонд за одбрана е огромен чекор. Многу важно за сите нас вклучени во Time’s Up е да покажеме дека не се работи само за жените од Холивуд, ние ионака веќе сме привилегирана група, туку да се прошириме на жените во светот, бидејќи нема култура, раса, религија, политика, работно место што не е засегнато од овој проблем“, изјави Винфри.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари