Малите, разиграни човечиња изработени од глина, споени во модно оро, излезени од ателјето на дизајнерката на накит Александра Иванова од сабота (21 декември) до 30 декември ќе будат радост на традиционалниот новогодишен базар во „Скопје сити мол“. Таа е дел од втората група учесници на настанот во организација на МАТА, што почна на 10 декември и на кој се понудени рачно изработени модни додатоци, уникатен накит и украси за домот. Иванова, која изработува филиграни под името „Софија филигранска“ и накит од глина со називот „Наши луѓе“, ќе понуди човечиња со нови фустанчиња, обетки од сребро со флорални мотиви и мотиви од плодови.
-Многу му се радувам на базарот, се подготвував со посебна возбуда. Овој настан за мене е празник е за мене. Го празнувам подготвувајќи се, и додека трае, додека реазменуваме насмевки со луѓето… Вистински се споделувам во тие мигови-вели таа.
Креациите се шарени со мотиви од природата, цвеќиња, облачиња, сонце, овошје… Во себе имаат „заразна“ ведрина и будат убави чувства кога ќе ги погледнете. Александра при создавањето на новите модели е поттикната од радоста.
-Радоста, која се стисува и која пламнува, е движечката сила на сите нешта…Некогаш сме радосни дека паѓа снег, некогаш бидејќи сме на море, другпат дека сме со оние што ги сакаме, дека нè грее Сонцето или дека сме едноставно, живи -вели таа.
На приказната „Наши луѓе“ работи десет години. Ја раскажува со ситни, идентични модели на човечиња изработени од глина, споени во оро. Креациите изминатата година се покупни, а покрај човечињата застапени се и цвеќиња, најчесто булките. Во широката палета се приказните за „девојчињата“, „убавки“, „девојчињата во кибритчињата“, „булките“…
-Човечињата се како живи и незаменливи ликови во оваа колоритна нарација на приказната за животот. Сè уште луѓето се радуваат кога ќе ги видат. Приказната почна на конкурс на АТА за дизајн- Made In Macedonia и до денес тоа си трае. Техниката и материјалите не сум ги сменила, зашто нивната употреба ја овозможуваат најважната компонента- сликањето. Глината која ја користам е доста погодна подлога за сликање. Но, почнав да го истражувам… Некогаш работам на наједноставни форми, како плочка, врз која сликам приказна, другпат сум вметнувам текстил, филц и тантела, с` во боја. Формата речиси ја ставив во втор план, позади приказната од бои-вели таа.
Секоја нова серија на „човечињата“ е со нови облеки, флорални, геометриски и морнарски мотиви.
„Софија филигранска“ за Иванова е сè уште е предизвик.
-Работата со среброто и филигранот како вештина и говорењето со неа на свој начин е процес кој трае. Старите мајстори не сакале ни да го пренесат занаетот туку така и на било кој. Тие го чувале како најголема тајна. Молчејќи и крадешкум од нив учеле младите додека метеле во работилниците, но тоа на свој начин било како еден вид духовна дисциплина низ која минал заинтересираниот, кој, ако го поминел прагот на незаинтерисираноста од страна на учителот, се стекнувал со неговата доверба и реката потекувала право во неговото срце. Го сонувам моментот кога таа река ќе тече овде, во центарот на мојот универзим, во моето срце. Дотогаш сум ученик, ден по ден, грам по грам-вели таа.
Нема коментари